март 23, 2020
Зошто служат температурните суми во лозарството
Но прво да објасниме што е тоа температурна сума. Едноставно речено, температурна сума представува акумулираната топлина за некој временски интервал. Топлината претставува еден од најважните фактори во растителниот и животински свет. Бидејќи топлината неможеме да ја измериме, туку само температурата, за потребите на земјоделието е развиен модел на ефективни температурни суми.
Акумулираната температура на воздухот во одреден временски интервал го одредува помалку или повеќе растот и развој на растенијата. За да може измерената дневна температура да се искористи за одредување на фенофазите, развојот на болести на растенијата како и развојот на штетници, потребно е да се развие модел на ефективни температурни суми. По дефиниција, температурна сума е мерка која ја изразува акумулираната топлина над специфичен температурен праг во некој одреден временски интервал (ден, месец) во топол или ладен дел од годината, како и од една до друга развојна фаза на одредено растение. Температурната сума се пресметува кога од просечната дневна температура ќе се одземе температурниот праг.
На пример ако се одреди дека температурниот праг е 10ºC, а просечните температури во изминатите 5 дена биле 12, 14, 9, 11 и 15ºC. Ова значи дека ефективните температури биле 2, 4, 0, 1 и 5ºC па температурната сума за тој период била 11ºC. Базната температура се одредува по потреба, за одредување на дозревањето на грозјето како температурен праг се зема биолошкиот минимум кој изнесува 10 ºC.
Температурните суми во земјоделието може да се користат за различни цели и тоа
- Споредување на различни на земјоделските региони и различни сезони
- За изборот на садници при подигање на нови насади
- Развој на болести и штетници
- За прогноза на развојните фази на растенијата
- За избирање на времето на вршење на агротехнични мерки
Истражувањата во Холандија а подоцна и во Англија, покажале дека оптималното време за примена на азотните ѓубрива на житариците е кога температурната сума ќе изнесува помеѓу 200 и 300ºC. За базна температура се зема вредноста од 0ºC, а вредностите кои што се под 0ºC се игнорираат. Кога се аплицирале ѓубрива пред температурната сума да достигне вредност од 200ºC, се покажале резултати кои што биле лоши кај порастот на растенијата.
Пред да се направи избор на локација за подигнување на нови насади потребно е да се има информации за микроклиматските услови, меѓу другото и колку се акумулира ефективна температура во текот вегетациската сезона. Исто така е важно да се знае колку е потребната сума на ефектива температура која што е потребна за цветање и зреење на плодовите за одредени култури и сорти.
Кога ќе ги споредиме овие два типа на податоци, многу лесно можеме да увидиме дали некоја култура или сорта одговара на микроклимата на тој локалитет. Да не дојде до забуна, освен температурата голема улога имаат и врнежите, ветрот, инсолацијатра, почвата, подземните води, зачестеноста на пролетен мраз и други фактори. На локацијата каде што постои поголем ризик за пролетен мраз се бираат култури или сорти кои покасно започнуваат со цветање, на тој начин да се намали ризикот од измрзнување.
Еден од најважните ограничувачки климатски фактор за одгледување на винова лоза е температурата, односно топлината. Вообичаено е како индикатор да се зима просечната годишна температура, но тоа не се покажало како доволно добро. Како замена на просечната температура најдобро се покажала сумата на ефективни температури со биолошки минимум или температурен праг од 10 ºC. Вегетацискиот период на виновата лоза трае од почетокот на април до крајот на месец октомври. Па така Винклер во 1974 година сите винарски области во светот ги поделил на 5 климатски зони според ефективните температури
Климатска зона | Сума на ефективни температури |
1 | < 1371 ºC |
2 | 1372 – 1648 ºC |
3 | 1649 – 1926 ºC |
4 | 1927 – 2204 ºC |
5 | >2205 ºC |
Во 1897 година Пулиат ја земал во предвид токму сумата на ефективни температури за да направи поделба на сортите според времето кое што е потребно за дозревање:
- Многу рани сорти 1000–1200 °C
- Рани сорти 1200–1350°C
- Средни сорти 1351–1600°C
- Касни сорти 1601–2000°C
- Многу касни сорти над 2000°C
Болести и штетници
Како што видовме дека топлината влијае на развојот на растенијата така таа има големо влијание и на развојниот циклус на патогени и штетници на растенијата. Температурните суми се применуваат за одредување на зрелоста на презимените спори на пепелница на виновата лоза. Се смета дека спорите се зрели кога од почетокот на календарската година се акумулираат 160-170ºC, а за температурен праг се зема 8ºC.
Во Турција беше спроведено едно истражување во кое што се одредувале температурните суми за појава на гроздов молец. Резултатите покажале дека првата генерација се појавила на околу акумулирани 120ºC, втората генерација на 520ºC и третата генерација на 1047ºC. Температурниот праг изнедувал 12ºC.